Селекторот на Естонија, Јука Тоијала, го објави скратениот список од 16 кошаркари на чии услуги ќе смета за претстојниот натпревар против Македонија, на 20 февруари на стартот од квалификациите за Евробаскет 2021.
Веднаш е очигледно дека оваа селекција ќе биде сериозно подмладена, само еден кошаркар е повозрасен од 30 години (бекот на Калев, 31-годишниот Танел Курбас), но Естонците во својот табор ќе имаат и еден кошаркар со НБА-потенцијал. Станува збор за 19-годишниот Хенри Дрел, кој настапува во италијанската прва лига во дресот на Викторија Либертас од Пезаро, но според прогнозите би можел да се појави веќе на драфтот во НБА-лигата во текот на летото.
Дрел е висок 205 сантиметри, но е извонредно технички поткован, па добро се снаоѓа и на надворешните позиции. Се очекува селекторот Тоијала да му даде значителна минутажа, во обид да го промовира во нов лидер на репрезентацијата низ овој квалификациски циклус.
„Костурот“ на националниот тим доаѓа од Калев Крамо, потоа има двајца кошаркари од втората шпанска лига (Куламае и Нургер), а од интернационалците тука се и Сандер Вене од Варезе и Треиер од Авелино, како и Сајмон Сут, кој настапува во австрискиот Оберварт.
На списокот на естонскиот селектор се наоѓаат следните кошаркари: Кристијан Куламае, Кер Криса, Раит-Риво Лане, Раин Вајдеман, Хенри Дрел, Мартин Дорбек, Мартин Пасоја, Сандер Раиесте, Јанари Јесар, Танел Курбас, Сајмон Сут, Сим-Сандер Вене, Крегор Хермет, Каспар Треиер, Кристијан Китсинг и Рауно Нургер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА