Прокоп доби отказ, Германија со нов селектор

Кристијан Прокоп не го преживеа последниот неуспех на Германија на големите натпреварувања, откако на младиот стратег денеска му беше врачен отказ од селекторската функција. Германците повторно под негово водство не успеаја да се вмешаат во борбата за медал, па иако успеа да обезбеди учество во олимписките квалификации, Прокоп дефинитивно ја загуби поддршката на челниците на германскиот ракомет.

„Ја донесовме оваа тешка одлука по внимателно согледување на сите факти и анализа на сработеното. На крајот, решивме Кристијан Прокоп да биде разрешен од функцијата селектор на машката репрезентација“, се вели во соопштението на Германската Ракометна Федерација.

Нов селектор на Германија ќе биде екс-тренерот на Кил, Алфред Гисласон, кој утре на прес-конференција во Хановер и официјално ќе биде промовиран на оваа функција. Тој ќе потпише договор со важност до 2022 година, а првиот посериозен предизвик ќе го има веќе во месец април, кога ќе ја предводи репрезентацијата во олимписките квалификации, во групата во Берлин во која ќе учествуваат и Шведска, Словенија и Алжир.

Се вчитува...