Фудбалскиот второлигаш Пелистер ги претстави новите засилувања за пролетниот дел од сезоната и најави дека амбицијата е влез во елитата. Нови засилувања на Пелистер се Горан Пашовски, поранешниот голман кој се врати под „Тумбе кафе“ и ќе биде и тренер на голманите, повратник е и Христијан Драгарски, а дојдоа и Борха Кордоба, Реџепи, Фазлиу, Иванов и Спиркоски.
Тренерот Зоран Штерјовски е задоволен од засилувањата и од текот на подготовките.
„Подготовките течат одлично, атмосферата е работна, а приоритет ни е да ги воиграме новите фудбалери и да им помогнеме да се вклопат во екипата. Верувам дека ќе имаме успешна пролет и дека ќе ги оствариме целите на клубот“, изјави Штерјовски.
Сопственикот на клубот Пеце Стојчевски го најави големиот јубилеј на клубот, 75 години од формирањето.
„На 4 март 1945 година, како што стои на амблемот на Пелистер, е формиран клубот. Подготвуваме програма со која ќе го одбележеме овој датум, а во тек се подготовките околу прославата. Кога го презедовме клубот, имаше многу големи долгови, но сега тоа е минато, имаме вратено околу 80 проценти од долговите кон фудбалерите, тренерите и други побарувања кон Федерација и други компании. Сега клубот може да се рече дека е стабилен, а се надевам дека на есен кога ќе стартуваме во Првата лига ќе немаме долгови и ќе започнеме со позитива“, истакна Стојчевски.
Пелистер го заврши првиот дел од сезоната на првата позиција, со два бода позитива во однос на ФК Скопје и на Велазерими.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА