„Триглав Осигурување“ со огромна помош за младинската кошарка

Раководството на КФСМ денеска на прес-конференција ја официјализираше соработката со „Триглав Осигурување“, компанијата што го продлабочи помагањето на македонскиот спорт со инвестиција во младинската кошарка. Поточно, „Триглав Осигурување“ стана главен помагател на младинската кошарка, покривајќи ги котизациите на сите младински екипи во Македонија, во сите возрасни категории во машка и женска конкуренција.

„Мило ми е што се гледаме овде за една работа што е само дополнување на она што Триглав Осигурување како општествено одговорна компанија го прави за спортот. Мене како поранешен кошаркар ми е голема чест што го обновуваме договорот за поддршка на развојот на кошаркарскиот спорт. Триглав како компанија и јас лично како човек кој ја води компанијата, сакаме да дадеме дополнителен импулс за развојот на кошарката во Македонија на едни подолги патеки. Затоа, спонзорството е фокусирано на поддршка на младите категории,  па влегуваме како партнери во сите младински лиги, кои ќе бидат под покровителство на Триглав Осигурување. Сметаме дека тоа ќе биде дополнителен импулс при овие олеснети услови да имаме што поголем број на деца што ќе тренираат кошарка и ќе се развиваат во здрави личности. Од моја страна и од страна на компанијата им посакуваме на челниците на КФСМ успех во овој проект, како и во претстојните квалификации, бидејќи сите заедно сакаме да го вратиме кошаркарскиот спорт онаму каде што припаѓа“, изјави Ѓорѓе Војновиќ, прв човек на „Триглав Осигурување“.

Првиот човек на мак-баскетот, Перо Антиќ, не го криеше задоволството од овој потпишан договор.

„Триглав е сериозна компанија, за нас е голема чест да имаме ваков партнер во работата. Уште поголемо е задоволството бидејќи договорот е со Војновиќ, човек што е мој кошаркарски ментор и кој ми помогна да стигнам онаму каде што стигнав во кариерата“, истакна Антиќ.

Генералниот Секретар на КФСМ, Владимир Георгиевски, смета дека со овој спонзор „куќата на кошарката“ ќе им овозможи на клубовите полесно функционирање.

 „Благодарност до Триглав  Осигурување за препознавањето на заедничките интереси и заеднички цели, најдовме партнер за долгорочна и успешна соработка. Со ова се олеснува во многу работата на младинските клубови, се поттикнуваат и се мотивираат, сите оние трошоци кои создаваа проблеми сега се покриваат од еден сериозен спонзор“, порача Георгиевски.

Се вчитува...