Ливерпул минатото лето не купи ниту еден нов фудбалер, во јануари се засили со Јапонецот Минамино во трансфер вреден 7,5 милиони фунти, но Јирген Клоп ќе има сериозен буџет за трошење во преотстојниот преоден рок. Германскиот стратег не планира да донесе премногу засилувања, но очекува оние кои ќе ги купи да му помогнат во борбата што претстои, а на врвот од листата со желби се наоѓа неговиот сонародник Тимо Вернер.
Германскиот репрезентативец игра извонредно во дресот на Лајпциг и е најзаслужен што овој тим се уште е во трката за титулата во Бундес-лигата. Тој неодамна потпиша и нов договор со Лајпциг, но во него има клаузула што му овозможува во јули 2020 година да си замине за сума од 60 милиони евра.
„Црвените“ покажале сериозен интерес за Вернер и минатиот месец, но се повлекле кога дознале за клаузулата што им овозможува да го ангажираат за „разумна сума“ во се „полудиот“ фудбалски пазар во кој се почесто сме сведоци на трансфери од околу 100 милиони евра. Интерес за Вернер покажуваат и Баерн Минхен, Јувентус, Барселона и Челси, но Клоп е оптимист дека ќе успее да ја добие трката по овој фудбалер и уште повеќе да го засили атомскиот напад на Ливерпул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

