Тодоров: Ривалите ги почитувам, но не сакам да се говори со стравопочит за нив

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, е задоволен од играчите кои ги има на располагање, објавувајќи дека единствено Предраг Самарџиски негативно одговорил на неговиот повик за враќање во националниот тим.

„Она што во овој момент е најважно за мене, ова е најоптималниот состав имајќи го во предвид здравствениот билтен, како и волјата на некои играчи. Кажав и на првата прес-конференција, никого нема да тераме да играме со сила за репрезентацијата. Добив само еден негативен одговор од сите кошаркари кои ги контактирав, Самарџиски ни соопшти дека нема прекин во втората турска лига и затоа нема да може да ни помогне. Реално можеше да се стиска преку федерација, но не сакавме да правиме такви работи, да се закануваме со суспензии, тоа нема да се случи тука додека сум јас селектор. Јас сакам да имаме група што сака да игра 100%, а за тоа да е случај самите кошаркари мораат да сакаат да бидат овде“, изјави Тодоров на денешната прес-конференција.

Селекторот стои цврсто зад својата одлука да верува во Марко Симоновски, без оглед на фактот дека овој кошаркар веќе неколку месеци е без клупски ангажман.

„Марко Симоновски од дента кога ме избраа за селектор и од дента кога веќе го договоривме кондициониот тренер е во систем на подготовка, и физичка и кошаркарска. Имав една дилема во последните две недели да го земам во мојот тим Крајова за да тренира со екипата, но пеколниот ритам на натпревари не дозволи такво нешто. Во последните денови откако сум во Скопје работам индивидуално со него и со Марко Миловановиќ. Марко Симоновски е играч со кој сум работел, во кого имам доверба, верувам дека може да ни помогне бидејќи станува збор за само четири дена меѓу двете средби“, истакна кормиларот на националниот тим.

Дуелот со Естонците во првото коло е важен, но не и пресуден бидејќи според Тодоров, само една победа нема да биде доволна за да се обезбеди учество на Евробаскет 2021.

„Естонија е прв натпревар и зборуваме за овој противник, но она што успеавме да го сработиме досега е индивидуална анализа на сите кошаркари одделно. Го знаеме и потесниот список, знаеме што да очекуваме, кои играчи на која позиција играат, кои кошаркари ќе го понесат товарот на овој натпревар. Цела подготовка за средбата ќе биде подготовка на база на претпоставки бидејќи и ние сме со нов селектор како нив. Едно е сигурно, со една победа нема да може да се обезбеди пласман на Евробаскет бидејќи очекувам во второто коло Естонците да ја победат Италија, која ќе патува сериозно подмладена во Талин“, вели Тодоров.

Тој побара и поголем респект за самата македонска репрезентација, со тоа што нема да се делат преголеми суперлативи за противниците.

„Ние имаме проблем многу повеќе да ги цениме странците отколку што заслужуваат. Да не игравме со Естонија во група, кој знае еден естонски кошаркар. Тука е и Италија, група деца што се собрале и што ќе играат, што играат во потопли сали, во федерација со 20 пати поголем буџет од нашата. Сите се добри селекции, но не се некои од кои треба да се плашиме. Јас ги почитувам сите ривали, но не сакам да говорам со стравопочит, а за нас со самопонижување“, порачува Александар Тодоров.

Се вчитува...