Онака како што ги почна подготовките, на супериорен начин фудбалерите на Брегалница со триумф и ја завршуваат својата двонеделна одисеја во Анталија. „Сините“ со лесна победа од 2-0 (2-0) против казахстанскиот суперлигаш Кизилжар ги заокружија четирите тест низ главниот подготвителен циклус.
Во надмоќен натпревар на теренот на „Папилон“ во Белек, во кој избраниците на Добринко Илиевски комплетно доминираа низ сите 90 минути, победата беше обезбедена по само половина час игра. Најпрво во 23. минута погоди централниот дефанзивец Јован Манев, а веќе во 27. минута и Пепи Ѓорѓиев се запиша во листата на стрелците за конечни 2-0.
Во второто полувреме, по бројните измени во двата состави, резултатот остана непроменет. Илиевски и за денешниот пријателски натпревар не можеше да смета на повредените Анес Османовски и Дарко Додев, кои успешно се опоравуваат но со желба да не се ризикува без изоставени од тест дуелите.
„Сините“ подготовките во Анталија ги завршија со три победи и едно реми, и гол разлика од 7-2.
Брегалница на натпреварот настапи во следниот состав: Талевски, Мирчевски, Стојчевски, Манев, Маневски, Бакрачески, Наумоски, Ацковски, М. Стојанов, Миленковски, Ѓоргиев. Во второто полувреме играа и: Давков, Рунтев, М. Ѓорѓиев, Цанев, Кудев, Д. Стојанов, Наумов, Цветков, Настевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА