Полошо од ова – не може: Фијаско во првото полувреме (23-45)

Македонија го одигра најкатастрофалното полувреме на домашен терен откако по 20 минути игра нашите кошаркари губат со 22 поени од Естонија, на стартот од квалификациите за Евробаскет 2021 (23-45). „Црвено-жолтите“ играат очајно лошо, нападот предводен од Димитријевиќ е тотално фијаско, а скапо ја плаќаме втората четвртина, што Естонците ја добија со 5-25 и убедлива предност.

Проблемите во нападот беа очигледни од самиот почеток на натпреварот, упорно се инсистираше на удари од далечина иако шутот не функционираше, па Естонците набрзина поведоа со 0-6. Првите поени Македонија ги постигна во четвртата минута, од слободни фрлања ги реализираше Витингтон, а потоа „црвено-жолтите“ фатија резултатски приклучок. Естонија сепак одржуваше минимално водство во текот на целата четвртина, па гостите ги завршија почетните десет минути со водство од 18-20.

Тоа беше само најава за тоталниот дебакл во втората четвртина, во која Естонија за 90 секунди направи серија од 7-0 и успеа посериозно да се одлепи. Тодоров зеде тајмаут, но неговите избраници продолжија со катастрофална игра, се нижеа грешките во напад, во одбрана не можевме да ги запреме гостинските „снајпери“, кои во меѓувреме почнаа и да погодуваат од далечина, па разликата експресно порасна на неверојатни 19 поени (22-41). „Сино-белите“ продолжија да доминираат на теренот, на одмор заминувајќи со уште поубедливи 23-45, за најголема шлаканица на домашен терен во еден квалификациски натпревар (23-45) и апсолутно заслужени свирежи од навивачите во СЦ „Борис Трајковски“.

 

Се вчитува...