Баерн Минхен потешко од очекуваното славеше против фенерџијата Падерборн со 3-2 во првиот натпревар од 23. коло во германската Бундеслига. Иако голманот на актуелниот шампион, Мануел Нојер подаруваше, тука беше Роберт Левандовски да ги исправи неговите грешки.
Баерн Минхен поведе со голот на Серж Гнабри во 25. минута. Баварците доминираа и во продолжението на првото полувреме, но не успеаја да ги искористат шансите по што следуваше казна од страна на гостите. Мануел Нојер непотребно истрча и му ја подари на гостинот првата шанса на натпреварот која ја реализираше Денис Србени во 44. минута израмнувајќи на 1-1. Во вториот дел Роберт Левандовски во 70. минута повторно го доведе во водство баварскиот тим (2-1), но нов шок на „Алијанц арената“ следуваше пет минути подоцна кога Мишел израмни на 2-2. Сепак повторно на сцена стапи неверојатниот Полјак кој со одличен погодок во 88. минута донесе злато вредни три бода за Баерн.
Баерн Минхен останува на чело на табелата со 49 бода, четири повеќе од второпласираниот Ред Бул Лајпциг кој има и натпревар помалку. Падерборн останува последен со само 16 освоени бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА