Вардар го претрпе шестиот пораз во групниот сегмент од ракометната Лига на шампионите и е се подалеку од повисок пласман од шестата позиција на конечната табела во групата Б. Ова откако загуби на гостувањето кај Порто со 30-22 и повторно е на шестата позиција на табелата во пресрет на последното коло во кое следниот викенд во Скопје ќе се соочи со Монпелје. Порто го потврди пласманот во осминафиналето и сега има бод повеќе од Вардар.
Клучниот чекор кон победата, Порто го направи во првиот дел од второто полувреме кога со серија од 7-1 се одлепи на 18-11 и направи недостижна предност која Вардар во еден момент ја намали со краток блесок и серија од 3-0, на многу брзо домашниот сосотав повторно се врати на максималните седум гола, а потоа и ја зголемуваше предноста и до највисоките и конечни плус осум гола.
Во првото полувреме, младиот Марко Кизиќ беше најсветлата точка кај Вардар. До полувремето Кизиќ забележа девет одбрани и значајно му помогна на Вардар да одржува резултатски баланс. Вардар имаше предност од 3-1 во воедниот дел од средбата, но потоа следуваше серија од 6-1 на домашниот тим и Порто се одлепи на 7-4 по што европскиот шампион постојано ја бркаше противничката предност. Во последните секунди од полувремето, Вардар пропушти и прилика за израмнување на резултатот.
Данил Шишкарев беше единствениот константно добар кај Вардар на овој дуел, постигна вкупно седум гола од девет обиди. По три гола постигнаа Дибиров, Скубе и Калараш.
Вардар на шестото место има 11 бода, а Порто има 12 и во последното коло нашиот тим теоретски може да се пробие на петтото место, но ќе треба да го победи Монпелје, а Порто да загуби од Мешков Брест.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА