Коронавирусот ќе го упропасти најголемото дерби во Серија А

Огромна е веројатноста големото дерби меѓу Јувентус и Интер закажано за 1 март да се игра пред празни трибини на „Алијанц Арена“ во Торино. Причина за ова е епидемијата од коронавирусот што се шири низ Апенинскиот полуостров, поради која веќе беа одложени четири средби од минатото коло, а се очекува да биде преполовена и следната рунда од натпревари предвидени да се играат следниот викенд.

Италијанските власти веќе објавија дека ќе биде одложен дуелот меѓу Удинезе и Фиорентина, а во центарот на вниманието се разговорите околу „судбината“ на вечното дерби меѓу Јуве и Интер.Навивачите на двата тима со нетрпение го очекуваа мечот, билетите се веќе распродадени, но како што стојат работите средбата ќе може да се следи само пред ТВ-екрани.

„Скај Италија“ попладнево објави дека „соломонската одлука“ ќе биде натпреварот да се игра пред празни трибини. Спектаклот дефинитивно ќе биде нарушен, но од исклучителна важност е дуелот да биде одигран, за да не се згусне ионака пренатрупаниот распоред на двата тима, кои учествуваат во полуфиналето од Купот во Италија, како и во европските купови.

Конечната одлука се очекува во следните 24 часа, но на теорија се сведени шансите италијанските власти во услови на епидемија да дозволат присуство на навивачи на стадионот во Торино.

Се вчитува...