Претседателот Перо Антиќ да објасни во Федерација дека банани во соблекувална на сениорска репрезентација која конкурира за пласман на Европско првенство не се НБА услови. Не знам како им се чини на КФСМ, ама да им дадеш овошје на репрезентативците на тренинг не е информација која се споделува на социјални мрежи како врвно достигнување. Напротив, срамота е !
НБА услови би биле на пример кога во националниот тим би имало ред и репрезентативците би биле заедно, во хотел додека траат подготовките. Оваа традиција на „распуштеност“ која владее околу кошаркарската репрезентација важи веќе неколку гарнитури наназад и никој не ја поправа. Репрезентативците си седат по дома, овие скопските, од другите градови имаат хотел ако немаат клуб во Скопје. Странците како полузалутани се шуткаат без никој никаде.
Репрезентативците шетаат кој каде сака за време на репрезентативни подготовки, фаќаат вируси и слични болештини. Ама па добро, имаат овошје во соблекувална.
Исто така во НБА услови спаѓа и тоа кога еден од помошниците на селекторот и главен тренер на домашниот шампион кој дава пет репрезентативци не ја остава репрезентацијата на пола квалификациски прозорец. Да не знаевме подобро, ќе мислевме дека немало пари за „историски долгото патување“.
И да повториме – БАНАНИ не се НБА услови.
„Групер ваучер за сите“
Среќа што ги има оние спектакуларните пресови во Влада за фалби околу тоа од колку пари се откажала државата на име на даноци за помош на спортот инаку немаше да разбереме дека Агенцијата за млади и спорт се смирила со ФФМ. Дека кога не ги признаваше и се закануваше со супензии, Агенцијата држеше специјални пресови, ама сега на мала врата разбравме дека ФФМ дури во третата поделба на ваучери добила пари, но се откажала во име на клубовите. Значи ли ова дека Фудбалската федерација сега е легитимна за државните институции. Ако добива ваучер, значи е.
За ваучерите најстручен е МЗТ. Клубот објави едно „хвалоспевно“ писмо во кое ни испораскажа дека ете државата многу се грижи за спортот затоа што се откажала од дел од даноците. Дражавата и се грижи за МЗТ. По два основа добива пари од граѓаните. И со ваучер, за нијанса помал од европскиот ракометен првак Вардар и од општина Аеродром. За волја на вистината не е единствен. Добиваат и многу други клубови, ама па тие не се ни кадарни да лиферуваат соопштенија по социјални мрежи.
„Не умри магаре до зелена трева“
Ако не овој вторник следниот петок – ова ни беше речиси како поздрав во една сега веќе пропадната телевизија во периодот на агонија кога се таложеше бројот на неземени плати. Така некако ми личи и ситуацијата во Вардар. Се ќе биде средено, се ќе ви биде исплатено, вие само работете си, тренирајте и играјте. Одиграјте се што има за играње, па до кај 31 мај ќе си ги земете платите. Веројатно. Ракометарите се повеќе губат волја и кондиција, децана во фудбалскиот клуб па како за инает и титула ќе освојат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА