Дерби пресметката од 21. коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу Вардар и Работнички денеска од 14 часот на националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје. Поради превенција од коронавирусот натпреварот ќе се игра без публика, но ако се погледнат последните меѓусебни дуели на двата тима тоа и нема да претставува некоја разлика.
Во секој случај, фокусот на натпреварот кон стратегот на Работнички, Ратко Достаниќ кој успеа да го врати тимот во битката за опстанок со двете победи на стартот од пролетта. Сега пред него првиот вистински предизвик, против лидерот Вардар, тимот од кој неславно замина пред десет години по само пет натпревари на клупата на најтрофејниот македонски клуб.
Сега Достаниќ „очи во очи“ со Вардар кој, без сомнение, посакува нова победа на патот кон шампионската титула.
„Работнички е секогаш сериозен предизвик за Вардар. Верувам во интересен натпревар кој може да го одлучи само некој индивидуален потег, или момент. Во секој случај, нашата цел се секако три бода“ – вели шефот на стручниот штаб на Вардар, Александар Васоски.
Денеска се игра и натпреварот во Струга меѓу Струга Трим Лум и Силекс, во кој за стружани крајно неопходни се бодовите во битката за опстанок.
ПМФЛ – 21. КОЛО (денеска, 14 ч.)
Скопје: ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ
Струга: СТРУГА ТЛ – СИЛЕКС
УТРЕ (14 ч.)
Струмица: АК. ПАНДЕВ – БОРЕЦ
Тетово: ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА ЃП
Скопје: ШКУПИ – РЕНОВА
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА