Ракометот продолжува да чекори напред, во тек се бројни проекти за дополнителен раст и развој на овој спорт, а првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов, воедно изрази надеж и за подобри резултати на машките и женските репрезентации во периодот што следи. На Редовното Собрание што се одржи денеска во просториите на Град Скопје, пред 46 присутни делегати беше дискутирано за случувањата во 2019 година, потенцирајќи ги репрезентативните настапи, но и изразувајќи надеж дека успешната приказна на Вардар како двократен европски шампион ќе продолжи.
„РФМ уредно ги сервисираше сите национални репрезентативни категории во нивните настапи. Машката репрезентација успешно ги мина квалификациите за ЕП 2020, завршувајќи ги квалификациите како првопласирана. Целта на првенството, за жал, не ја исполнивме. И покрај континуитетот од девет години учества на големите натпреварување, ова не беше најпосакуван исход. Во овој репрезентативен состав привршува процесот на смена на репрезентацијата, за кој се надевам дека ќе мине што побезболно на резултатски план“, изјави Мукаетов во дел од своето излагање.
Доказ за ширење на ракометот на спортската сцена е и значителното зголемување на бројот на клубови.
„Бројот на клубови е со континуиран раст, па од сезоната 2015/16 имавме 101 клуб, за во оваа сезона бројката да изнесува 156 клубови“, додаде Живко Мукаетов.
На Собранието на РФМ стана збор и за финансиската работа на куќата на ракометот“
„Надзорната Комисија при РФМ согласно своите овластувања на 30 јануари 2020 година одржа седница на која ги изготви потребните извештаи за работата на федерацијата во изминатиот период. Можеме да потврдиме дека сите акти се водени правилно и ажурно, се работи согласно Законот за Спорт и Законот за Фондации. Со деталната анализа утврдено е дека РФМ има вкупно приходи од 125 милиони денари и расходи од 113 милиони денари. Воедно, тој додаде дека РФМ успеала да исплати два стари долга, 2,5 милиони денари кредит од старото раководство и 4,5 милиони денари долг кон Јавното Претпријатие за деловниот простор во кој е сместена федерацијата“, изјави претседателот на Надзорниот Одбор при РФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА