Ракометната Федерација на Македонија добила значително помала сума за ваучер во однос на претходната година, пред се поради промената на системот на доделување и систематизацијата на комисијата што го има последниот збор околу тоа кој спортски субјект колкав ваучер ќе добие.
„При првото доделување на ваучерите член на нашата федерација беше вклучен во комисијата што ја вршеше распределбата по спортските субјекти. Сепак, годинава таа ситуација се смени, под свое комисијата беше земена од Даниел Димевски. Значителни суми од ваучерите што требаше да припаднат на спортските федерации беа префрлени на Македонскиот Олимписки Комитет, а во таа комисија имаше токму членови од највисокото раководство на МОК. Тоа е класичен судир на интереси. Уште еднаш повторувам, треба да се најде начин и спортските федерации да бидат дел од таа комисија, можеби не со одлучувачка моќ, но во секој случај да дадеме сугестии за да нема незадоволни страни“, изјави Генералниот Секретар на РФМ, Филип Милошевски.
На темата кратко се надоврза и претседателот Живко Мукаетов.
„Јас апелирам до оние кои одлучуваат, и пред се до одреден лик кој се кажува како голем пријател на спортот, но тогаш кога ќе го барате за помош топката ја префрла на друго место. Апелирам да сторат се за проблемот да биде решен и да нема незадоволни страни. Ние немаме одлучувачка моќ при квотите и сумите што се доделуваат со ваучер-системот“, изјави Мукаетов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА