Работнички остана непоразен во градското дерби против лидерот Вардар играјќи без голови, а херој е младиот голман Ристе Јанков, кој успеа да одбрани пенал во 97.минута од мечот. Пецов играше со рака во шеснаесетникот, Дарко Мицевски ја изведе најстрогата казна, а Јанков успеа да одбрани. Без голови заврши и вториот меч од денешната програма, Струга Трим Лум – Силекс.

Вардарци имаа привидна иницијатива во првиот дел, а најубавата шанса ја имаше Јован Попзлатанов. Излезе сам пред голманот на Работнички, но Шишковски ја спаси мрежата со одлична интервенција. На спротивната страна се закани Давид Тошевски.
Во вториот дел, Дарко Мицевски и Матеј Цветановски се заканија со удари од далечина, а при една интервенција се повреди Дамјан Шишковски и мораше да биде заменет. Местото на голот го зазеде Ристе Јанков, кој во 97.минута успеа да одбрани пенал.

Христијан Пецов играше со рака во шеснаесетникот, судијата Јосип Бартон покажа на белата точка, а изведувач беше Дарко Мицевски. Шутираше силно, но Ристе Јанков го обрани неговиот удар и го спаси Работнички од пораз. Вардар останува лидер со 42 бода, во моментот 11 повеќе од Шкендија и од Силекс, а Работнички има 22 бода на осмото место.
Струга Трим Лум и Силекс исто така ремизираа без голови. Кратовци ја стигнаа Шкендија со 32 бода на третата позиција на табелата, а Струга ТЛ се наоѓа на седмото место со 25 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

