Борко Ристовски и Марко Мишевски од денеска и официјално се членови на Вардар, потврдија „црвено-црните“ на официјалната веб-страница. Двајцата македонски репрезентативци потпишаа договори до крајот на сезонава, со можност да останат во таборот на Вардар и за наредната натпреварувачка сезона.
По шест години играње во странство репрезентативниот голман Борко Ристовски (37) повторно ќе го облече дресот на Вардар. Претходно двапати беше дел од Вардар, и тоа во периодот од 2001 до 2003 година, и во периодот од 2010 до 2012 година. Зад себе има огромно играчко искуство со играње во различни лиги. Настапувал за екипите на Работнички, Југ, Македонија, Металург, Теукро, Алгесирас, Гумерзбах, Ал Ахли, Кретеј, Рајн Некар и Барселона. Последен клуб за кој настапуваше беше Бенфика од Португалија.
Од 2009 година постојано е дел од сениорската репрезентацијата на Македонија и играше на сите европските и на светските шампионати, со исклучок на СП 2017 година во Франција. Тој беше дел и од младинската репрезентација на Македонија што го освои четвртото место на ЕП 2002 година во Полска.
По само неколку месеци минати во тимот на Гренобл, Франција во Вардар се враќа и Марко Мишевски. Потекнува од школата на Вардар каде играше во помладите категории. Тој лани беше дел од тимот што стигна до европската титула во Келн, иако со помала минутажа на теренот. Левиот бек лани играше и во СЕХА лигата, и заедно со екипата на Вардар го освои трофејот, а во јануари беше дел од репрезентацијата на Македонија што настапи на ЕП во Австрија.
Вардар во недела гостува кај Нексе на првиот четврт-финален натпревар од СЕХА лигата, а потоа во втората половина од месецот треба да ги игра и двата натпревари од осмина-финалето на ЛШ против ПИК Сегед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

