Првото пролетно коло во двете второлигашки конкуренции стартуваше главно со очекуваните резултати. На Истокот, со победите во 15. коло, Беласица, Брегалница и Тиквеш потврдија дека ќе ја водат главната битка за прволигашка промоција. На Западот, пак, јасно е дека битката за Прва лига ќе ја водат Пелистер, Скопје, Лабуништа и Велазерими.
ЕКИПА го издвојува најдобриот тим на 15. коло во Вторите македонски фудбалски лиги, согласно изборот на специјализираниот фудбалски портал МАКФУДБАЛ.МК:
1. АНТОНИО ИВАНОВИЌ (СКОПЈЕ)
Немаше некоја нагласено тешка задача на дуелот против Велазерими, но со сигурноста на голот дополнително носеше сигурност и во дефанзивните редови на Скопје во триумфот од 2-0.
2. АЛЕКСАНДАР МИЛУШЕВ (БЕЛАСИЦА)
Цврст, сигурен во одбраната иако Беласица имаше целосна контрола и на играта и на резултатот на гостувањето против Осогово.
3. АЛЕКСАНДЕР БОРХА КОРДОВА (ПЕЛИСТЕР)
Потврди дека ќе биде вистинско освежување во играта на Пелистер, со погодок партиципирајќи во победата од 3-0.
4. СОТЕ АНДРЕЕСКИ (ПИТУ ГУЛИ)
Капитенот на Питу Гули еден од клучните за ремито со Победа. Постигна прекрасен гол директно од слободен удар од повеќе од 25 метри.
5. АЛЕКСАНДАР ВАРЕЛОВСКИ (ТИКВЕШ)
Кавадарчани целосно доминираа на дуелот против Саса, Вареловски стрелец и на еден од погодоците во убедливата победа.
6. ЛАЗАР ПЕЕВ (ПЛАЧКОВИЦА)
Плачковица успеа да освои бод против фаворитот Кожуф, а најзаслужен за тоа со играта во средниот ред Лазар Пеев кој беше стрелец и на единствениот гол за својот тим.
7. МАРЈАН РИСТОВСКИ (ТИКВЕШ)
Вообичаено одличен во средниот ред, овој пат и со погодок партиципирајќи во убедливиот триумф против Саса.
8. РОБЕРТ МИТЕВ (БЕЛАСИЦА)
Крилниот офанзивец на струмичани ја најави со гол победата на Беласица на гостувањето против Осогово.
9. ИЗЕТ АЈРУЛАХУ (СКОПЈЕ)
Најдобриот поединец на дербито меѓу Скопје и Велазерими. Ги постигна двата гола за Скопје во триумфот од 2-0 против кичевци.
10. ПЕПИ ЃОРГИЕВ (БРЕГАЛНИЦА)
Ја реши дерби пресметката на Истокот, стрелец на единствениот гол за три бода на Брегалница на дуелот против Кит Го.
11. МИХАЈЛО ЈАКИМОВСКИ (ЛАБУНИШТА)
Човекот на одлука на натпреварот меѓу Лабуништа и Охрид. Стрелец на победничкиот гол за Лабуништа во последните моменти од средбата за повеќе од значајни три бода во трката за првата позиција на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА