Потврда и од РК Вардар – Против Нексе и Пик Сегед без публика

Актуелниот македонски, регионален и европски шампион Вардар потврди дека натпреварите против Нексе во четвртфиналето од СЕХА лигата и првиот од осминафиналниот двомеч против Пик Сегед во Лигата на шампионите ќе бидат без публика поради епидемијата од коронавирус.

„Ги известуваме сите навивачи и симпатизери на РК Вардар дека во следните 30 денови сите натпревари на кои нашиот клуб е домаќин ќе се играат без присуство на публика. Одлуката е донесена од Владата која забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Македонија, во наредните 30 дена како дел од дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на корона вирусот по сугестија на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство. Истото се однесува за сениорските екипи и сите екипи во младински категории. Поради истата мерка нема да имаат тренинзи и натпревари ниту членовите на Ракометната Академија на Вардар“, стои во соопштението на клупскиот сајт. 

Натпреварот со Нексе е закажан за 15. март, додека мечот со Пик Сегед ќе се одигра на 22. истиот месец.

Се вчитува...