Во ракометната Супер-лига веќе нема непобедливи екипи откако Охрид во претпоследното коло успеа да ја прекине серијата на Металург, совладувајќи го поранешниот шампион на Македонија со резултат 22-20. Одбраните го имаа главниот збор и на двете страни, а како пресуден се покажа одличниот финиш на охриѓани, кои предводени од голманот Даниловски во последните дванаесет минути примија само два гола, правејќи пресврт за голем триумф.
Охрид тргна моќно, поведе со 4-1 и со 5-2, но потоа „металурзите“ ја консолидираа одбраната, примајќи пет гола во преостанатите 23 минути, колку и во првите седум минути од полувремето, на одмор заминувајќи со предност од 10-11. Домаќините немаа постигнато погодок во првите пет минути од вториот дел, пред Тот конечно да го најде патот до мрежата на Дупјачанец, намалувајќи на 11-13. „Металурзите“ го контролираа резултатот се до 15-18, но потоа се соочија со огромна криза во нападот, девет минути беа без постигнат гол, овозможувајќи му на противникот со серија од 5-0 да направи пресврт. Арсеновски го прекина „постот“ на гостите, но Охрид знаеше како да ја задржи предноста до самиот крај и да триумфира со конечни 22-20.
Тројца ракометари на Охрид постигнаа 18 од вкупно 22-та гола на победничкиот тим (Кривокапиќ седум, Тот шест и Манасков пет), додека најефикасни во таборот на Металург беа Чантурија со пет и Танкоски со четири гола, сите во првото полувреме.
Вардар Јуниор рутински ја оправда фаворитската улога против Работнички, триумфирајќи со 40-24. Карапалевски ги предводеше „црвено-црните“ со осум погодоци, а еден повеќе во гостинскиот табор постигна Палевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА