Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за прекин на првенствата во Првата лига и во двете Втори лиги, како и пониските натпреварувања. На предлог на Натпреварувачката комисија, а по најновата забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници – одлучено е да се стопираат фудбалските шампионати во државата.
„Натпреварувачката комисија во рамки на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за прекин на неодредено време на Националниот шампионат од Прва и Втора МФЛ, потоа Третите лиги од МФЛ, како и натпреварите од женскиот шампионат и првенството во футсал.
Одлуката е донесена по последните препораки и забрани од Министерството за здравство за превенција од вирусот COVID – 19, кои опфаќаат забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници – концерти, театри, кина, спортски сали, теретани.
Претходно, согласно препораките и забраните од Владата на Македонија за превенција од вирусот COVID – 19 , Комисијата за младински фудбал донесе одлука сите натпревари од младите категории и натпреварите од Детските лиги на ФФМ да се суспендираат во наредните две седмици“, се вели на сајтот на ФФМ.
Претходно и Кошарската федерација на Македонија донесе одлука за прекин на натпреварувањата и во сениорска конкуренција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА