Ракометот ги следи останатите спортови и доби „наредба“ од ЕХФ за одложување. Европскиот првак Вардар нема да ги игра осминафиналните мечеви со ПИК Сегед во Лигата на шампионите и четвртфиналниот реванш меч од СЕХА лигата против Нексе. Тие се одложени за неодредено време поради коронавирусот.
„Имавме позитивен резултат од првиот меч со Нексе, ова е хендикеп за нас, но ситуацијата е таква и мораме да ја респектираме, здравјето е сепак најважно. Сите клубови низ Европа ги распуштаат тимовите, веројатно и ние ќе решиме така“, изјави тренерот Стевче Алушовски.
Вардар уште вчера упатил барање до СЕХА за одложување на четвртфиналниот натпревар од СЕХА-лигата против Нексе поради сериозноста на ситуацијата во Македонија и построгите мерки за безбедност поради коронавирусот. Исто така и клубовите во Лигата на шампионите отпочнале иницијатива за одложување, која е прифатена од раководството на ЕХФ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА