Светската и олимписка шампионка на 800 метри, Кастер Семења, ќе се обиде да се пласира за Олимписките игри во Токио како учесничка на трките на 200 метри. Јужноафриканската атлетичарка нема да може да ја брани титулата на 800 метри поради рестрикциите кои ги воведе Светската атлетска асоцијација околу нивото на тестостерон присутен во крвта на натпреварувачките на 400, 800 и на 1500 метри. Семења ги освои олимписките титули на 800 метри на Игрите во Лондон и во Рио и потоа влезе во војна со ИААФ поради рестриктивните правила.
„ Како што е познато, не можам да се натпреварувам на 800 метри и да ја бранам титулата на Олимписките игри во Токио. Мојот сон секогаш беше, а и понатаму ќе биде да се натпреварувам на највисоко ниво во спортот и за да продолжам да ги остварувам моите цели и соништа решив да направам промена и да се натпреварувам на 200 метри. Оваа одлука не беше лесна, но како и скеогаш му се радувам на предизвикот и ќе дадам се од себе да се квалификувам за Токио и да се натпреварувам најдобро што можам за Јужна Африка“ – напиша Семења.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА