Челниците на УЕФА продолжуваат со „кризниот состанок“ околу судбината на европскиот фудбал за оваа сезона, водејќи разговори преку видеоконференциски повици со претствници на лигите и федерциите на сите земји од Стариот континент.
Првата дилема се чини дека е целосно отстранета – Александар Чеферин се согласил на одлагање на ЕВРО 2020, и тоа за една година, од 11 јуни до 11 јули 2021 година. (се споменуваше и ЕП од ноември до декември годинава, но тоа нема да се случи). Информацијата први ја потврдиле челниците на Фудбалската Федерација на Норвешка, а потоа ја пренесоа бројни медиуми ширум Евриоа.
Со ова се отвора временски простор од два месеци во кои клубовите ќе можат да ги финишираат своите сезони. Сепак, УЕФА е со став да биде донесен заеднички заклучок – сите лиги во Европа да продолжат и да завршат во ист термин, односно ниту еден шампион да не биде одлучен на „зелена маса“.
Во моментов ситуацијата со ширењето на коронавирусот делува далеку од идеална, но се верува декаа на почетокот од мај ќе бидат создадени услови за спортски настани во поголемиот дел од Европа. Предвидувањата се дека „врвот на болеста“ќе биде достигнат најдоцна до почетокот од следниот месец, по што бројот на заболени ќе почне да се намалува. Доколку во одредени земји не постојат услови за нормално одигрување на натпреварите, сезоната би продолжила без присуство на публика.
Во овој рок од два месеци би биле финиширани и сезоните од Лигата на шампионите и од Лигата на Европа. Форматот се уште не е утврден, но се посериозно се размислува за фајналфор турнири, за да се отстапат повеќе термини за финиширање на домашните првенства.
Што се однесува до претходните најави дека УЕФА ќе бара надомест од околу 300 милиони евра за дополнителни трошоци за одложувањето на ЕВРО 2020, европската куќа на фудбалот најавила формирање на „солидарен фонд“ во кој федерациите ќе треба да донираат извесни суми за да покријат барем дел од овие трошоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА