Грчкиот репрезентативец Ѓуро Мујиќ стана првиот странски ракометар што по долги години го облекува дресот на Тинекс Пролет, веднаш почна да ги оправдува очекувањата на стручниот штаб и управата. Toj даде значаен придонес во нападот и во одбраната на стартните победи во првите три кола од 2020 година, па и самиот ракометар не го крие задоволството од почетокот на авантурата во Скопје.
„Од првиот момент кога пристигнав во клубот бев одлично примен од соиграчите, стручниот штаб и од управата. Кога првиот пат морав да си заминам накратко за Атина, за мене немаше дилема дека сакам да се вратам. Експресно се договоривме, а потоа беспрекорно се вклопив во екипата. Од натпревар во натпревар играв се подобро, тимот победуваше и се се одвиваше беспрекорно. Сепак, за жал сега сезоната е во прекин“, вели Мујиќ.
Тој открива и како го минува времето во Скопје, во период кога нема тренинзи. Сите ракометари на Тинекс Пролет продолжуваат да работат по индивидуални тренинг-програми дадени од тренерот Матлиески и кондицискиот тренер Ѓорѓи Спасов, во периодов кога не е возможен заеднички тренинг поради опасноста од ширење на коронавирусот.
„Ситуацијата не е добра, но тоа не важи само за Македонија, туку за цела Европа, па и пошироко. Седам дома, излегувам само кога треба да трчам за да останам во форма, или да купам нешто во некој од супермаркетите. Не ни помислувам на враќање во Грција бидејќи ќе треба да останам 14 дена во карантин, а и не гледам зошто би си одел кога сакам да останам овде. Во контакт сум со соиграчите и со претставниците на клубот, сите сме во исчекување на информација кога би можеле да продолжиме со ракомет. Се надевам дека ќе бидат овозможени услови да ја продолжиме сезоната, во која вистинските предизвици за мене и за Тинекс Пролет допрва претстојат“, порачува Ѓуро Мујиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА