Еден од најголемите кошаркарски таленти на Македонија, Андреј Јакимовски останува во карантин во Торино каде го прослави својот 19.роденден.
„Глетката не е убава, особено не кога прославуваш роденден. Но што е тука е. Околностите се такви какви што се, мора да се издржи и една ваква криза. Искрено, како одминуваат деновиве, станува се потешко и потешко. Среќа е што ‘долу’ имаме маркет од каде можеме да се снабдуваме со оние основи продукти за нормално живеење, ако ова може да се нарече нормално. Скромно го прославив роденденот со торта и традиционална пица, која е незаобиколен момент во Италија“- вели Јакимовски за официјалниот сајт на КФСМ.
Тој дополнува дека не знае што носи иднината, но се надева дека кризата ќе биде пребродена.
„Апсолутно никој не знае што носи следниот ден, а да не говориме за идните чекори на кошаркарски план. Еве веќе две недели и повеќе, не сум допрел топка, а ситуацијата е крајно непозната. Никој не знае ништо, особено за оној спортски дел, кога дали, што… Ние го завршивме регуларниот дел, останува да го доиграме плеј-офот, ако воопшто се игра. Прочитав некаде дека има 40.000 и повеќе, заразени луѓе во Италија, но има подготвеност првенствата да продолжат. Кога, не се знае… Катастрофа… Не знам како планираат да се продолжи со играњето. Но ова веќе не се издржува. Но, што е, тука е… Старите добро рекле, трпение-спасение. Само ова да не потрае предолго, не е добро за никој“, завршува Јакимовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА