Се поголем е бројот на лица од спортот кои издвојуваат дел од својата заработувачка и ја донираат за помош во борбата против коронавирусот. Пеп Гвардиола се наоѓа при самиот врв по висина на донацијата откако стратегот на Манчестер Сити издвои еден милион евра, донирајќи ги на каталонски фонд што ќе изврши набавка на медицинска опрема.
Извори блиски до Гвардиола информираат дека со парите ќе биде купена заштитна опрема, маски, очила, ракавици и дезинфекциски средства, како и голем број на респиратори кои ќе помогнат да се спасат животите на многу луѓе кои се заболени од Ковид-10. Потоа, фондот во најскоро време ќе ги распредели по клиниките ширум Каталонија, за од опремата да профитираат сите делови од оваа шпанска покраина.
Првиот човек на Хофенхајм, Дитмар Хоп, инвестираше сериозна сума на пари за истражувања за пронаоѓање вакцина за оваа болест. Роберт Левандовски исто така донираше еден милион евра, а преку заеднички фонд идентична сума уплатија и Леон Горецка и Џошуа Кимих.
Екс-претседателот на Интер, Масимо Морати, им подари еден милион евра на болниците во Ломбардија, додека Флорентино Перез неодамна најави „голема донација“ за да се излезе како победник од борбата со болеста што сее страв и трепет ширум светот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА