Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, во интервју за италијанскиот весник „Република“ го потврди ставот дека треба да се стори буквално се за фудбалките сезони ширум Европа да се доиграат. Дел од медиумите тврдат дека лигите кои нема да финишираат, во следната сезона нема да имаат учесници во европските купови. Чеферин не ги потврди овие закани, но откри неколку термини што УЕФА ги планира за продолжување на сезоната.
„Искрено се надевам дека сезоната ќе може да продолжи на средината на мај или во јуни. Како крајна опција се предвидува дури и старт на крајот на јуни. Ако не успееме, тогаш најверојатно се ќе е загубено. Постои и предлог тековните првенства да продолжат во август, па потоа да стартува новата сезона, која би била со поинакви термини… Ќе ги разгледаме сите опции и ќе ја донесеме најдобрата одлука и за клубовите и за лигите“, истакна Чеферин.
Првиот човек на УЕФА е дециден и по ставот за присуство на публика на завршните натпревари од европските купови.
„Тешко ми е да ги замислам сите натпревари пред затворени трибини, но од друга страна не знаеме кога ќе бидат создадени услови за спортските средби да се играат пред публика. Ако не постои друго решение, најдобро ќе биде сезоните да завршат, макар и без гледачи. Сепак, за финалињата на европските купови пред празни трибини воопшто и не размислувам, тоа не е опција“, вели Словенецот.
Тој жестоко ги нападна оние кои ја критикуваа УЕФА, тврдејќи дека европската куќа на фудбалот требала да го одложи дуелот меѓу Аталанта и Валенсија, кој важи за „биолошка“ бомба од која стартувала заразата експресно се проширила.
„Сите зборуваат за тој меч, но кога играа Аталанта и Валенсија, фудбал се играше буквално во цела Европа. Слушнав идиотски критики за тој дуел во Милано, но на 19 февруари буквално никој не можеше да знае дека Ломбардија ќе биде центар на епидемија“, порачува Александар Чеферин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА