Паузата поради коронавирусот ќе остави сериозни последици врз финансиската моќ на клубовите, па дел од гигантите веќе оправдано најавуваат дека ќе биде невозможно да се инвестираат премногу пари во следниот преоден рок. Доказ за тоа доаѓа и од Мадрид, откако челниците на Реал најавија дека немаат намера да тргнат во офанзива по Садио Мане од Ливерпул.
Сенегалецот е голема желба на Зидан уште од пред првото заминување од клупата на Реал, францускиот стратег се надеваше дека летово ќе може да дојде до Мане, а директорите најавија преговори со актуелниот европски првак. Сепак, јасно е дека Ливерпул нема да сака лесно да се откаже од еден од своите најдобри фудбалери, а како потенцијална сума за која би можел да биде постигнат договор се говореше за околу 150 милиони евра.
„Кралевите“ сметаат дека е лудило да се потроши толкаво богатство во период на криза, уште повеќе откако се дозна дека Ерлинг Халанд има клаузула од „само“ 75 милиони евра во договорот со Борусија Дортмунд. Во една таква ситуација, шпанскиот гигант ќе тргне во тотална офанзива по норвешкото „чудо од дете“ како суперзасилување за навалната линија за следната сезона.
Садио Мане ќе остане во Ливерпул откако се покажа како одличен потег за „црвените“, постигнувајќи 77 гола и 34 асистенции по трансферот од Саутемптон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА