Хари Кејн се вбројува меѓу најдобрите 10 голгетери во светот на фудбалот, англискиот репрезентативец досега делуваше среќно во Тотенхем, но ситуацијата во меѓувреме се промени. Покетино си замина, дојде Мурињо, тимот падна во криза, а Кејн и уште неколку првотимци поради повреда отсуствуваа од терените по неколку месеци.
Борбата за титулата веќе е научна фантастика, Тотенхем нема шанси ниту за место во Лигата на шампионите, а слабите резултати на „спарси“ придонесоа најдобриот фудбалер на оваа екипа да размислува за заминување. Во интервју за „Скај“ англискиот напаѓач беше прашан дали би можел да остане во клубот до крајот на кариерата, а навивачите на Тотенхем останаа разочарани од одговорот.
„Го сакам Тотенхем, секогаш ќе го сакам Тотенхем, но исто така и отсекогаш сум велел дека ако не се движиме во правилна насока, не сум човек што само ќе остане за да зема плата. И самиот сум многу амбициозен, сакам да станам врвен голгетер, да помагам мојот тим да освојува трофеи“, истакна Кејн, за првпат отворајќи ја вратата за заминување од лондонскиот клуб.
Реал Мадрид и Јувентус покажаа интерес за овој фудбалер минатото лето, а доколку стане достапен за трансфер во трката за негов ангажман ќе се вклучи и Манчестер Јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА