Завршницата на Лигата на Нации, во која спаѓа и полуфиналниот дуел меѓу Македонија и Косово, повторно ќе биде одложена како последица од ширењето на коронавирусот. На последниот состанок што УЕФА преку видео-конференција го имаше со претставниците на националните федерации беше договорено овие средби да бидат закажани за почетокот на јуни, по што раководството на ФФМ и официјално објави дека 4 јуни ќе биде датумот во кој нашиот национален тим ќе го игра историскиот меч за пласман на ЕВРО 2020.
Сепак, во меѓувреме ситуацијата со коронавирусот не само што не се смирува, туку дополнително се шири низ Европа, што е причина за загриженост во европската куќа на фудбалот. Токму затоа, челниците на УЕФА за среда закажале нов состанок со националните федерации, на кои една од темите ќе биде и повторно одложување на натпреварите под капа на УЕФА.
„На состанокот ќе се разгледуваат репрезентативните и клупските натпреварувања под УЕФА, ќе се дискутира за евентуално менување на теремини, а ќе стане збор и за трансфер-периодот и за договорите на фудбалерите“, се вели во краткото соопштение на европската куќа на фудбалот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА