Крос: Платите во фудбалот се „луди“, но не поддржувам кратење

Германскиот интернационалец Тони Крос слично како и на теренот, и за време на изолацијата е стабилен, максимално одговорен и посветен на подобрувањето на фудбалската техника. Вели дека платите во европскиот фудбал одамна се „луди“ и неверојатно големи во споредба со останатите професии, но дека не поддржува кратење поради пандемијата со коронавирусот.

„Ова е вонредна ситуација во светот и секако дека јавното здравје е првата работа на која треба сите да мислиме. Да го оставиме малку фудбалот иако сите знаеме колку всушност ни недостига. Се крена голема врева и околу кратењето на платите. Јас не сакам многу да коментирам, но кога веќе инсистирате, не поддржувам кратење. Од друга страна, разбирам и дека целата оваа ситуација им создава проблеми на клубовите. Нема како да остварат профит, а токму од тие финансии ги исплаќаат и платите. Јасно е дека платите во фудбалот се „луди“, но за тоа не се виновни фудбалерите. Тие само излегуваат на теренот и сакаат да одиграат најдобро што знаат, сакаат да ги израдуваат навивачите. Можеби оваа криза сите добро ќе не освести“, изјави Тони Крос.

Германецот кој е познат по својата беспрекорна фудбалска техника во периодот на самоизолација им задава „предизвици“ со фудбалската топка на луѓето ширум светот, како и на фудбалските колеги.

Реал Мадрид попладнево објави дека ги крати платите на сите фудбалери и членови на стручниот штаб за 10%, а би можело да дојде до намалување од дополнителни 10% доколку сезоната не продолжи.

Се вчитува...