Тик-так, тик-так… Прволигашите цел месец го чекаат Перо Антиќ

Цел месец трае исчекувањето на кошаркарската јавност за конечната одлука од највисокото раководство на КФСМ, кога Перо Антиќ и неговите најблиски соработници на 19 март најавија дека „за кратко време, ќе донесат конечно решение околу продолжувањето на натпреварувањата“. Краткото време веќе ја надмина и бројката од 30 дена, а додека секојдневно сме сведоци на објави од земјите ширум Европа, од куќата на мак-кошарката се уште е молк.

Една работа е повеќе од јасна – услови за играње кошарка во Македонија нема, а клубовите со распуштањето на странците јасно ставија до знаење дека не очекуваат сезоната да продолжи. Што значи, останува една и единствена дилема – дали сезоната ќе биде прогласена за валидна, со именување на актуелниот лидер МЗТ Скопје за шампион, или пак целосно ќе се поништи и ќе биде прогласена за завршена без именување на првак. За втората опција „навива“ Работнички, кој е клубот што беше главен поддржувач на претседателската кампања на Перо Антиќ, па логично е да се претпостави дека токму тоа е главната дилема на претседателот и неговите најблиски соработници при оваа одлука, дали да го следи примерот на големо мнозинство ширум Европа, или да одигра по „нотите“ на оние кои го донесоа.

Ракометната Федерација на Македонија пред неколку дена ја заврши сезоната со втората опција, но ситуацијата таму е сосема спротивна, двата најдобри тима, Вардар и Пелистер, поради учество во СЕХА-лигата немаа ниту еден меч на домашната сцена.

Она што е речиси сигурно е дека ќе нема испаѓање од елитното друштво, одлука што веќе ја донесоа бројни земји ширум Европа, а доколку лигата се прошири за два тима, тоа ќе значи влез на моментните лидери во двете втори лиги, Црн Дрим и ТФТ во елитното друштво.

Сепак, за конечната одлука очигледно ќе треба да почекаме. Уште „кратко време“… колку е тоа кратко, знаат само челниците на федерацијата.

Се вчитува...