Нојер бесен: Ова веќе не е Баерн каков што го знаеме

Мануел Нојер е се подалеку од останување во Баерн Минхен, преговорите за нов договор се прекинати, а воедно германскиот репрезентативец влезе и во отворен конфликт со управата на клубот. На искусниот голман најмногу му пречи што по медиумите почнале да се појавуваат детали од преговорите, кои биле далеку од вистината, а според него биле дистрибуирани од страна на клупските директори.

„Кога Ханси Флик потпиша нов договор бев пресреќен, бидејќи тој е одличен стратег, со беспрекорен однос кон играчите. Сакав да останам, капитен сум на Баерн и на германската репрезентација, имам 34 години, што не е многу за еден голман, па логично беше да се седне и да се разговара за нов договор. Тука почнаа проблемите, секогаш сме се договарале експресно без да се вмешуваат медиумите, а сега по весниците читав детали од преговорите. И тоа детали кои се далеку од вистината. Јасно е од каде доаѓаат тие информации и со која цел, со право сум разочаран, ова веќе не е Баерн каков што го знаеме со години наназад“, истакна Нојер во интервју за весникот „Билд“.

Конкретно, станува збор за пишувањата дека тој инсистирал на петгодишен договор за да остане на „Алијанц Арена“.

„Јас сега имам 34 години и никој не може да знае во каква форма ќе сум кога ќе имам 39. Секако дека не инсистирав на таков услов како што се пишуваше“, вели искусниот чувар на мрежата.

„Војната“ може да придонесе Нојер веќе во текот на летово да си замине од „Алијанц Арена“, а најзаинтересирани за неговите услуги се челниците на Челси.

Се вчитува...