Владата на Хрватска донесе мерки за отпочнување на дел од суспендираните бизниси по пандемијата на коронавирусот, а меѓу нив се предвидува и враќањето на спортот. Новата уредба вели дека ќе им биде овозможен тренинг на спортистите од прва и од втора категорија во поединечните спортови, како и на сениорските екипи кои се натпреваруваат во највисокиот степен на националните лиги.
Организација на тренинзите е можна исклучиво на спортските објекти кои можат да ги задоволат барањата на Националниот совет за јавно здравје, а ќе мора да се почитува физичка оддалеченост од пет метри меѓу сите спортисти, односно да постои простор од 20 метри квадратни по спортист. Тренингот истовремено ќе смее да биде организиран за најмногу пет луѓе вклучувајќи и еден тренер и со минимален број на технички лица кои работат во објектот.
Најавите се дека Првата фудбалска лига на Хрватска ќе се врати на сцена кон крајот на мај, а Аријан Адеми и Дарко Велковски со Динамо Загреб и со Ријека ќе почнат со тренинзи од понеделник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА