Обидот да се издејствува шампион преку одлука на Управниот Одбор не вроди со плод, па раководството на КФСМ се реши за коректна одлука, да ја префрли топката кај клубовите, за тие самите да решат дали да има шампион или не. Конкретно, утре ќе биде „Денот Д“ за македонскиот кошаркарски шампионат, кога клубовите за време на видео-повици со федерацијата ќе се изјаснат дали се за именување на МЗТ Скопје за шампион, како лидер на табелата, или пак за опцијата што веќе ја предложија Перо Антиќ и неговите соработници, поништување на сезоната без да биде именуван шампион.
„Во врска со вонредната состојба во нашата Држава поради пандемијата на COVID-19, и неможноста да се одигруваат кошаркарските натпревари од Првата Државна лига-мажи за сезона 2019/20, Ви доставуваме два (2) предлога за начинот на завршување на натпреварувањето:
Прв предлог: Согласно моменталната табела, да се прогласи КК МЗТ Скопје Аеродром АД за шампион за сезона 2019/20, со испаѓање на двата последни клуба од Прва Лига-мажи
Втор предлог: Да НЕ се прогласи шампион за сезона 2019/20, со тоа што нема да има испаѓање од Прва лига-мажи
Ве молиме да ги разгледате двата предлога, и утре 29.04.2020 година (среда) со почеток во 11.30 часот, на видео конференција да го дадете својот глас“, се вели во соопштението на КФСМ.
Во случај на нерешен исход од гласовите на десетте прволигаши, раководството на федерацијата ќе го даде последниот глас и ќе реши која од двете опции ќе бидат избрани за ставање на крај на шампионатот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА