Предвидениот план на Ракометната Федерација на Македонија за проширување на Супер-лигата за следната сезона на 16 клубови сепак нема да се реализира, откако Вардар и Пелистер одбиле експресно да бидат вклучено во елитното домашно ракометно друштво, дознава ЕКИПА. Скопскиот и битолскиот клуб како аргумент ја искористиле правната норма дека секоја ваква промена мора да се најави една година порано, што само по себе значи дека тие и следната сезона ќе учествуваат во СЕХА-лигата и во европските купови, пред во март 2021 година да се вклучат во плејофот од македонското првенство.
Новиот план на РФМ веќе циркулира меѓу клубовите, барајќи поддршка од суперлигашите за проширување на лигата на 14 клубови. Според него, на десетте актуелни суперлигаши би им се приклучиле по двете најдобри екипи од двете Први лиги од оваа сезона. Четиринаесетте клубови ќе бидат поделени во две групи од по седум тима. Притоа, по трите најдобри од групите ќе се пласираат во плејофот, каде ќе им се приклучат Вардар и Пелистер. Останатите осум (по четири во двете групи) ќе водат жестока борба за опстанок ако се знае дека само лидерот во плејаутот ќе обезбеди автоматски опстанок, второпласираната екипа ќе игра бараж со првиот тим од Првата лига, додека останатите шест екипи ќе испаднат во понизок ранг на натпреварување, со што во сезоната 2021/22 елитното друштво повторно би броело десет клуба, заедно со Пелистер и Вардар.
Се дискутира и за бришење на вторите екипи, нешто за што начелно се согласни Вардар и Металург, но отпор дава Пелистер со образложение дека станува збор за клубови што важат за различни правни субјекти. Доколку вторите тимови останат во елитното друштво, тогаш дефинитивно ќе бидат забранети позајмиците на играчи од една во друга екипа.
Дел од клубовите веќе се потпишале на иницијативата на РФМ, но кај дел од нив владее и незадоволство и загриженост, пред се поради фактот дека Супер-лигата не само што нема да добие на популарност (што ќе се случеше со вклучувањето на двата најквалитетни тимови) туку и дополнително ќе се разводни квалитетот бидејќи постои сериозен сомнеж за постоење на доволен број млади играчи што би можеле да играат во елитното друштво.
За очекување е во текот на следната седмица да бидат отстранети сите дилеми, а Ракометната Федерација на Македонија со одлука на Управниот Одбор и официјално да го соопшти епилогот за оваа и пропозициите и изгледот на лигите за следната натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА