МЗТ Скопје не успеа преку гласање на прволигашите да стигне до мнозинство за да биде прогласен за првак, но „металците“ остануваат посветени на борбата сезоната да не биде поништена. Аеродромци денеска се јавија со ново соопштение, за промена не со критики кон Перо Антиќ и неговите соработници, туку со конкретен предлог за финиширање на сезоната.
Актуелниот македонски шампион бара формирање на скратен плејоф, во кој тимовите би настапувале со домашни кошаркари. Во една таква ситуација, прволигашите би имале и мини-преоден рок за да ги докомплетираат своите ростери, со оглед на фактот дека ќе биде невозможно навреме да ги вратат странците во Македонија, а истите потоа ќе мора да минат извесен период во самоизолација.
Предлогот на МЗТ, за кој „металците“ бараат да биде дискутиран на следната седница на Управниот Одбор при КФСМ, го пренесуваме во целост:
„Со оглед на неодамнешните изјави на претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ, дека шампион се станува само на терен, управата на МЗТ Скопје Аеродром денеска испрати конкретен предлог до Куќата на кошарката со начинот на кој сметаме дека би можело да се дојде до нов шампион и тоа во период од само еден месеџ.
Согласно трендот на намалување на пандемијата со коронавирусот и најавите за нормализирањето на животот во државата, наш став е дека во текот на јуни може да се одигра скратен плејоф со екипите кои обезбедија пласман во Суперлигата. Во четврт-финалето би играле екипите 3-6 и 4-5 до две победи, додека двете првопласирани екипи би биле слободни. Во полуфиналето би се сретнале лидерот на табелата со победникот од 4-5, додека второпласираниот со победникот 3-6, во серија до три победи. Победниците би се нашле во големото финале, кое исто така би се играло до три победи. Сите средби би се играле дома и на гости, а дали ќе има публика зависи од проценката на државните органи.
Екипите би настапиле само со домашни кошаркари, бидејќи странците многу тешко би дошле поради затвореноста на границите и задолжителниот карантин, поради што предлагаме мини-преоден рок од 15 до 31 мај во кој прволигашите би се докомплетирале. Згора на тоа, наш став е дека најнапред треба да се одигра и последното 18 коло од Првата лига за да се одредат стартните броеви на екипите пред доигрувањето со оглед на малата додовна разлика помеѓу тимовите. Нашиот предлог предвидува и одредено пролонгирање, ако тоа биде потребно, со тоа што предложените датуми би се поместиле за периодот кој ќе биде одреден за подоцнежен старт на доигрувањето на кошаркарската елита.
Со ова би се задоволиле желбите и ставовите на поголем број клубови искажани изминатиов период дека првакот се добива на терен, нешто што и претседателот Антиќ го потенцира во повеќе наврати. Од челниците на КФМ бараме нашиот предлог да биде презентиран пред клубовите како и пред членовите на Управниот одбор на првиот следен состанок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА