Пандемијата на коронавирусот нема да го запре одржувањето на двете финални трки од светското маратонско пливање во Охрид, кои во договор со ФИНА се планирани за втората половина од август.
Градот Охрид, заедно со Пливачката федерацијата на Северна Македонија (ПФСМ) и Комитетот за далечинско пливање, веќе ја подготвуваат програмата за одржување на Ултра-маратонот (25 километри) на 22. август, како и трката на 10 километри од светската серија, закажана за 30. август Единствено, поради пандемијата, е одложена ЛЕН трката на 10 километри.
„Имавме разговори со челниците од ФИНА, пред кои кажавме дека сме подготвени за организација на трките. Во Охрид повторно ќе дојде светската пливачка елита. Трката ЛЕН на 10 километри под капата на европската федерација ни пропадна, но остануваат маратонот на 25 километри и 10-километарската трка од светската серија“ – вели претседателот на ПФСМ, Александар Маленко.
Маратонот на 25 километри во Охрид ќе биде прв од Ултра гран при серијата во ФИНА оваа сезона, додека трката на 10 километри ќе биде втора од серијата. Првата трка се одржа на 15. февруари во Доха, Катар.
„За да биде една сезона во пливањето регуларна мора да се одржат најмалку два маратони. Ние имаме среќа две такви финалиња да се одржат во Охрид. Пливачите на 25-километарската трка ќе атакуваат на бодови, кои, сигурно ќе значат многу во трката за титулата додека на 10-километарската трка ќе се одржи вистинско финале“ – истакнува Маленко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА