Златан Ибрахимовиќ повторно е на италијанско тло, откако авионот на шведскиот ас слета попладнево на аеродромот Малпенса во Милано. Главната дилема сепак е колку долго Ибракадабра ќе остане во Милан, со оглед на фактот дека договорот му истекува на крајот од сезонава, а Швеѓанецот е во конфликт со управата по заминувањето на Звонимир Бобан од директорската функција.
Искусниот голгетер си замина од Апенинскиот полуостров на 12 март, а во најлошиот период на ширењето на коронавирусот низ Италија тој се наоѓаше во Шведска. Во последните две седмици тој тренираше со тимот на Хамарби, каде од неодамна е ко-сопственик во клубот, но по неколку одлагања тој денеска се врати назад во Милано.
Согласно процедурите, следните 14 дена Ибрахимовиќ ќе ги мина во самоизолација, а асот на Милан решил да не остане во својот дом, туку во тренинг-центарот Миланело. Така, тој ќе ги има и сите услови за индивидуален тренинг, но ќе може да работи дури откако со тоа ќе завршат сите останати фудбалери кои секојдневно се во тренинг-базата на „росонерите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

