Себастијан Фетел се наоѓа на излезна врата од Ферари откако германскиот возач не успеа да се договори за продолжување на соработката со италијанскиот Ф-1 тим, откако неговиот договор ќе истече на крајот од годинава. Двете страни веруваа дека последната рунда преговори може да вроди со плод, но понудата и побарувачката биле толку далеку што разговорите се прекинати.
Германските медиуми тврдат дека по овие последни разговори нема дилема дека Фетел ќе си замине, а со тоа се отвора вратата за Карлос Саинц, кој ќе биде негов наследник во црвениот болид. Рикиардо и Хамилтон исто така се споменувани како опции, но приоритет за Ферари е помлад талентиран возач кој би настапувал крај Леклер, а воедно во време на финансиска криза би барал и многу пониска плата од повеќекратниот светски првак Хамилтон.
Саинц имаше одлични настапи во болидот на Мекларен привлекувајќи го вниманието на сите тимови, па токму затоа Ферари сака благовремено да реагира и да го осигура неговиот потпис за наредните три сезони.
Останува да се види следниот потег на Фетел, кој доминираше како член на Ред Бул, но не успеа да ја донесе толку посакуваната титула во престижниот тим на Ферари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА