Се разделија судиите кои беа „малер“ за Македонија и за Вардар

Данците Мадс Хансен и Мартин Гјединг, кои со години беа вбројувани меѓу најдобрите ракометни судии во Европа, објавија дека повеќе нема да судат натпревари заедно. Оваа судиска двојка ја делеше правдата на бројни врвни натпреварувања, финалињата најчесто изостануваа бидејќи во самата завршница играше нивната репрезентација, но Хансен и Гјединг оценија дека е дојдено времето за разделба.

„Поголемиот дел од животот го имаме минато заедно, посетивме над 50 земји, почувствувавме неверојатни атмосфери во арените. Создадовме моќно пријателство, Мартин беше еден од оние кои најмногу ми помогнаа кога дознав дека сум заболен од рак, се до моментот кога ја извојував победата над тешката болест. Одлуката е тешка, но сметам дека е дојдено времето за разделба. И јас и тој сакаме да продолжиме да судиме, веруваме дека можеме да го правиме тоа на високо ниво, но отсега тоа ќе ни се случува со други партнери“, изјави Мадс Хансен.

Станува збор за елитна судиска двојка што во мак-ракометот сепак нема да остане запаметена по добро. Токму Данците беа судии на клучниот меч во Гдањск, на кој Македонија загуби од Тунис и остана без шанси за олимписки билет за ОИ во Рио де Жанеиро. Хансен и Гјединк по добро нема да ги паметат ниту „вардарци“, кои често имаа замерки на нивното судење на натпреварите во Лигата на шампионите, пред се на дуелот во Скопје против Барселона на кој според македонскиот тим, токму данските судии им ја одзедоа победата.

Се вчитува...