Во богатата историја на Вардар од 1947 година па до денес дресот со број 1 го носеле 55 голмани
Пишува: Миодраг Мицковиќ
Во својата богата историја, во изминатите 73 години, почнувајќи од 1947 година кога беше формиран нашиот најтрофеен клуб Вардар, неговиот гол го бранеле 55 голмани. Голмани со извонредни квалитети, репрезентативци на поранешна Југославија /Благоја Видиниќ и Драган Мутибариќ/, репрезентативци на денешна самостојна Македонија /Петар Милошевски, Антонио Филевски, Муарем Зекир, Гого Јовчев, Томе Пачовски/, плејада на врвни чувари на мрежата. Ќе се обидеме со нашите читатели да се потсетиме на сите нив, бидејќи секој на свој начин има дадено придонес за големите успеси на Вардар.
Можеби некои од постарата генерација на навивачи на Вардар се уште се сеќаваат на првиот голман на Вардар, Славчо Димитровски- Пилотот, како што го викаа бидејќи го доведоа да брани од Вршац, каде посетуваше воздухопловно училиште. Тој бранеше на првиот официјален меч 1947 година во квалификациите за влегување во Првата лига на поранешна Југославија а и во реваншот против Слога од Нови Сад, денешна Војводина. Беше и на голот на првиот прволигашки меч на Вардар против Партизан во Белград на кој Вардар загуби со 4:0.
Во таа сезона и подоцна голот на Вардар го чуваа Васил Дилев, кој почина на 97 години, потоа Аце Иваноски-Буби, а на еден првенствен меч бранеше и Муарем Рустемов.
За Васил Дилев е интересен и овој податок, бранеше за Вардар на мечот со Хајдук во Сплит, кога прими дури 12 гола, Хајдук победи со 12:1 и тоа е сигурно најтешкиот пораз на Вардар во неговата историја.
Наредниот период се до 1960 година го одбележаа голманите Тоде Георгиевски, Љубомир Цветковски-Жмара и Благоја Видиниќ. Видиниќ стана и репрезентативец на Југославија, бранеше на првото европско првенство во Франција, освои и златен медал на Олимписките игри во Рим 1960 година. За Тоде Георгиевски, кој бранеше кога Вардар го освои Купот на Југославија 1961 година е поврзан уште еден интересен податок. Кога беше на отслужување на воениот рок, со дозвола на тогашните воени власти една година бранеше за Одред од Љубљана.
Во овој период на голот на Вардар но со мала минутажа беа Зоран Мишиќ, д-р. Јовица Јовановски и Давор Шушиќ, кој беше прв голман во Вардар кој дојде од друга република.
Коста Милошевски-Коки ги одбележа наредните шест години, се до доаѓањето на Драган Мутибариќ 1966 година. И Милошевски, пред да дојде во Вардар две години бранеше за Шибеник, каде служеше воен рок во морнарица. Со него едно време бранеа и Перко Перковски, Љубомир Џекиќ и Мите Атанасовски.
И потоа дојдоа годините на одличните одбрани на Драган Мутибариќ, миленикот на навивачите и голманската легенда на Вардар, еден од најдобрите голмани на нашиот најтрофеен клуб. Бранеше и за репрезентацијата на Југославија, од Вардар 1975 година замина во германскиот Шалке 04.
Покрај Мутибариќ, на некои средби бранеше и неговата вечна резерва Филип Филиповски, а потоа кога си замина и Слободан Илиевски, Алберт Цветиниќ и едно време Есад Мехмети, кој дојде од Лирија.
Од голманите се до распаѓањето на Југославија во Вардар дојдоа и неколку голмани од другите републики. Тоа беа Бошко Кајганиќ, кој трагично загина во сообраќајна несреќа во Турција, Деливое Шаренац, Горан Живановиќ, Драган Симеуновиќ и Горан Мариќ, кој потоа замина во Пелистер.
Се до осамостојувањето на Македонија за Вардар настапуваа повеќе квалитетни голмани. Пред се Благој Георгиев, Момчило Грошев, Љупчо Лазаров, а со помалку настапи Ѓоко Тасевски, Драган Димитровски, Ангел Ефремов, Зоран Паунов и синот на Мутибариќ, Слободан.
Во Првата лига на Македонија, каде со променлив успех, со многу титули но и со извесни падови и финансиски проблеми игра Вардар, неговиот дрес со број 1 го носеа исто така познати голмани и репрезентативци на Македонија. Ќе почнеме од Муарем Зекир, потоа трагично загинатиот Петар Милошевски, Саша Илиќ, Антонио Филевски и Гого Јовчев. Поранешниот селектор на репрезентацијата на Македонија Мирсад Јонуз беше во Вардар заедно со Филевски но има брането само на три натпревари. По заминувањето од Вардар направи успешна кариера во Грција, во клубот Левaдијакос. Едно време, не долго бранеа и Зоран Стојановиќ, Гоце Грујовски и Игор Златановиќ.
За Вардар беше регистриран и Петар Каргов, но бргу замина без да ги покаже своите квалитети. Во времето на Филевски, во Вардар беше и Зоран Мицевски, голот го чуваше на три пријателски средби, но потоа се повреди, долго паузираше и го напушти клубот.
Во последните десет години Вардар исто така може да се пофали со одлични голмани. Со тројца странци од поранешните Yu простори: Дејан Милиќ /Словенија/, Матеја Кобетиќ /Хрватска/ и Игор Павловиќ /Србија/. Неговата мрежа ја чуваа уште: Горан Симов, сегашниот тренер на Силекс, пред него Борјан Ристовски и Марјан Маџаровски, Јорде Георгиевски, на две куп средби и Александар Кировски, кој дојде од белградски Чукарички, репрезентативецот Томе Пачовски, Костадин Захов и денешните првотимци-голманите Филип Илиќ и Филип Гачевски. Тука е и младиот, во моментот трет голман во Вардар Матеј Андов, кој бранеше на неколку пријателски средби на подготовките во Анталија и Словенија.
Можеби во оваа приказна сме заборавиле уште некој голман на Вардар, се надеваме дека читателите ќе не потсетат за да ја комплетираме.
За читателите ќе биде интересен и овој податок за Мутибариќ и Филевски кои се рекордери по бројот на клубовите за кои настапувале покрај Вардар.
Мутибариќ бранел за 10 клуба. Почнал во Бечеј, потоа за Срем, Вардар, Шалке 04, Трепча, Тетекс, Македонија /Ѓ.П/, Скопје, Микрогранулат од Гостивар, кариерата ја завршил во ССК Младинец со своите 42 години.
Антонио Филевски почна во Скопје, потоа во Вардар, белгискиот Мехелен, Обилиќ и Железник од Белград, Рио Аве /Португалија/, на крајот во Беласица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА