УЕФА не препорачува, туку инсистира да бидат завршени националните првенства во Европа. И покрај тоа што прогласен е крај во некои шампионати како Франција и Белгија, првиот човек на Европската фудбалска организација, Александер Чеферин, очекува да завршат околу 80% од првенствата на Стариот континент. Во спротивно, ќе мора да се соочат со последиците.
„Не сакаме да има ниту тронка неодговорност и да биде загрозено здравјето на луѓето, но во најголем дел од земјите националните првенства треба да бидат завршени затоа што за тоа постои можност. Тие што нема да ги комплетираат ќе се соочат со последици. За одлуката на Французите, според мене, беше предвремено донесена. Го сторија тоа сами, без консулатации со УЕФА. Мислам дека главен збор сепак имале државните власти во Франција“, изјави Чеферин за италијанскиот весник „Кориере дело спорт“.
УЕФА има јасен план за довршување и на Лигата на шампионите, а направена е програма и како да почне следната европска сезона.
„Имаме конкретен план за довршување на сезоната. Мислам дека најголем дел од домашните првенства ќе се одиграат, а и за клубовите од тие лиги што нема да доиграат, ќе има место во квалификациите за натпреварувањата на УЕФА. Ќе се доиграат над 80 проценти од националните првенства, во редовните термини ќе започнат и квалификациите за натпреварувањата на УЕФА за следната сезона“, истакнува претседателот на УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА