Новиот Вардар се гради: Останаа столбовите, се чекаат „бомбардерите“

Капитенот Стојанче Стоилов и следната сезона ќе го предводи Вардар, на голот ќе биде Борко Ристовски, на крилните позиции Тимур Дибиров и Иван Чупиќ. Контурите се наѕираат, останува да се оформи и надворешната линија. Заминаа Сташ Скубе и Сергеј Горбок, претходно и Данаис Криштопанс, па новото раководство преговара со неколку ракометари за пополнување на бековските позиции. Кристијан Дисингер досега поради повредите не беше главен фактор, но ќе добие уште една шанса да покаже дека е врвен квалитет.

Вардар нема да биде  оставен на цедило. Стариот претседател Михајло Михајловски прифати да се врати и да го спречи фијаското по финансискиот колапс под водство на Сергеј Самсоненко, а се повеќе се зголемува и бројот на ракометари кои покажуваат лојалност кон црвено-црниот дрес и прифаќаат да останат и за пониски договори од она што го имаа со старата управа на „вардарци“.

Чупиќ повлече нога прв договорајќи ги условите за останување во Скопје, очекувано истото го стори и капитенот Стоилов, а по стапките на капитенот тргна уште еден играч кој важеше за „столб“ на тимот – руското крило Тимур Дибиров. Ако на ова се додаде и Германецот Критијан Дисингер, кој поради честите повреди не може да го покаже сиот свој потенцијал, но и фактот дека Михајловски допрва ќе разговара со уште неколку играчи од постоечкиот кадар, јасно е дека на Вардар нема да му треба целосен „ремонт“. Само „бомбардерски“, на бековските линии каде актуелниот европски шампион ќе треба да купува цела линија.

На голот ги има Македонците Борко Ристовски и Марко Кизиќ, триото не се комплетираше бидејќи Никола Митревски реши да замине во Порто, па се очекува доаѓање на уште еден чувар на мрежата. На крилните позиции тука се Дибиров и Чупиќ, со Димитриоски и Јагуриновски како резервни опции, со тоа што повратникот од Металург подеднакво добро се снаоѓа и како десен бек. Стоилов е прва опција на пивот, се чека дали ќе остане и Калараш, што го прави и овој дел од екипата солидно покриен, но она што ќе биде неопходно е носење на неколку квалитетни ракометари на бековските позиции.

Од ланскиот ростер си заминаа Криштопанс и Толедо, потоа Скубе, Горбок и Атман, па јасно е зошто приоритет на тренерот Алушовски и претседателот Михајловски ќе биде што поскоро да се пополни оваа „дупка“ во тимот. Секако, најпрвин ќе треба да се знае со колку пари се располага, што беше приоритет на новиот предводник на тимот во изминатите два-три месеци, во обид да привлече што постабилни спонзори во клубот.

Засега официјално потврдена беше само понудата за Талески, но повеќе од јасно е дека се преговара со уште три-четири ракометари од висока класа што би го направиле Вардар конкурентен во Лигата на Шампионите. Сепак, најважно во моментов е што не доаѓа до распад-систем, а има доволно време за комплетирање на екипата за нов атак на трофеите на домашната сцена и сериозни амбиции во ЛШ и во СЕХА-лигата.

Се вчитува...