Датоме по откажувањето на Евролига: Одлуката беше тешка, но иднината ќе биде светла

Сезоната во кошаркарската Евролига е дефинитивно е откажана. Раководството на Лигата и 11-те клубови со А лиценца денеска донесоа одлука за конечен прекин без прогласување шампион. За ваква одлука беа и играчите, па конечното решение го поздрави и претседателот на Асоцијацијата на кошаркари, Луиџи Датоме.

„Она со што се соочуваме индивидуално, но и глобално е нешто уникатно и досега невидено. Одлуката за откажувањето за Евролигата беше тешка, но вистинска и би сакал да им заблагодарам на сите инволвирани кои го презедоа овој тежок чекор. Здравјето на играчите и на сите вклучени во натпреварите, заедно со интегритетот на Евролигата беа ставени како приоритет и затоа се чувствувам гордо што сум дел од ваква организација. На сите мои колеги кошаркари би сакал да им порачам дека треба да го искористиме овој период за да се подготвиме најдобро што можеме за следната сезона. Ајде да ја вратиме европската кошарка до највисокото ниво на вештини, ангажираност и натпреварувачки дух. Иднината ќе биде светла“ – вели Датоме кој е дел од Фенербахче.

Во следната сезона во Евролига ќе се натпреваруваат истите 18 клуба од оваа сезона која поради коронавирусот беше прекината во март. Во моментот на прекинот, водечка на табелата беше екипата на Анадолу Ефес.

 

Се вчитува...