Халанд е „ѕвер“ – подобри бројки и од Меси и од Роналдо

Ерлинг Халан е новото „чудо од дете“ на светскиот фудбал, откако младиот Норвежанец и во дресот на Борусија Дортмунд продолжи редовно да ги тресе противничките мрежи, како што тоа го правеше во првиот дел од сезонава како член на Салцбург. Одличните настапи во групната фаза од ЛШ беа само најава за вонсериските квалитети на овој фудбалер, за кого неслучајно уште сега се борат Реал Мадрид и Јувентус.

Бројките на норвешкиот голгетер се навистина импресивни, а само за споредба, статистиката вели дека тој на почетокот на кариерата е далеку пред Лионел Меси и Кристијано Роналдо во нивните први професионални сезони. На возраст од 19 години и 10 месеци Халанд има одиграно 106 натпревари и постигнато 62 погодоци (0.58 по натпревар). На иста возраст Меси имаше 20 гола на 62 средби (0,31 по натпревар), а Роналдо само 12 гола на 87 натпревари (просек од 0,13).

За првите 62 гола на клупски план на Халанд му беа доволни само 106 натпревари, Меси стигна до оваа бројка за 132 средби, додека на Роналдо му беа неопходни 233 натпревари за да постигне 62 погодоци.

Пред Халанд е блескава иднина, со младоста и талентот што ги поседува Норвежанецот јасно е дека е само прашање на време кога ќе си замине од Борусија Дортмунд, со оглед на фактот дека во договорот има клаузула од 75 милиони евра, скромна сума во споредба со квалитетите на овој екстра-голгетер.

Се вчитува...