Само еден натпревар по паузата поради коронавирусот беше доволен за Црвена Звезда да ја осигура шампионската титула и да ја продолжи доминацијата на српската фудбалска сцена. Дејан Станковиќ на тој начин во својата дебитантска сезона како тренер се закити со голем трофеј, но големиот ас не заборави дека најголем придонес за титулата имаше неговиот претходник Владан Милојевиќ. Станковиќ го наследи кормилото на „црвено-белите“ од Милојевиќ со 11 бода предност пред ривалите, што новиот стратег рутински ја одржуваше.
„Самиот му се јавив на Владан Милојевиќ да го поканам да ни се приклучи на шампионската прослава ако има време за такво нешто. Тој треба да дојде и да го крене пехарот со момците, јас немам никаков проблем со тоа, напротив, би ми причинило големо задоволство. Црвена Звезда е едно големо семејство и така треба да остане“, изјави Станковиќ.
„Црвено-белите“ славеа со убедливи 0-5 на гостувањето против Рад за печат на новата титула, со што сега имаат 14 бода предност во однос на второпласираниот Партизан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА