Бабиќ: Вардар е фаворит, но времето на Пелистер допрва доаѓа

Жељко Бабиќ мина кратко време на клупата на Пелистер, а токму во периодот кога требаше да се водат клучните битки дојде паузата поради коронавирусот и откажувањето на сезоната на македонската ракометна сцена. Сепак, хрватскиот стручњак е оптимист дека во текот на летово ќе биде составен силен тим што ќе може да ги замрси сметките на Вардар во битката за трофеи.

„Секако, Вардар е голем клуб што мораме да го почитуваме, тој е актуелниот првак. Сепак, ние како Пелистер ќе одиме на победа на секој натпревар. Треба да се работи напорно и трпеливо да се чека. Јас сум убеден дека времето на Пелистер допрва доаѓа“, вели Бабиќ во интервју за „handballfast.com”.

Тој ги потврди најавите дека „пелистерци“ веќе аплицирале за да добијат вајлд-карта и да му се приклучат на Вардар во Лигата на Шампионите.

„Кој ќе добие вајлд-карта, тоа треба да реши ЕХФ, но јасно е дека ние сакаме да бидеме дел од ова натпреварување, не да ги гледаме тие средби на телевизија. Сепак, мое скромно мислење е дека во ЛШ треба да играат шампионите на земјите, а не екипи кои се второ и третопласирани во своите земји. Не зборувам за политика, туку за основниот принцип на спортот – претставниците на сите клубови треба да добијат награда – билет за Лигата на Шампионите. Сепак, тоа е само мое лично мислење“, истакна Бабиќ.

Се вчитува...