Ерата на Сергеј Самсоненко како прв човек на Вардар и дефинитивно е завршена откако Михајло Михајловски го презеде раководењето со „црвено-црните“. Уште пред извесно време беше најавено дека се финишираат преговорите за преземање на клубот од страна на стариот претседател, а Михајловски во изјава за ЕКИПА потврди дека целата постапка е финиширана.
„Она што ние требаше да го договориме меѓусебно е веќе завршена работа. Се договоривме уште минатиот петок, средени се сите детали и јас продолжувам како претседател на клубот. Останува само уште формирањето на новото акционерско друштво под назив Вардар 1961, за кое процедурата е отпочната и очекувам да заврши во најскоро време“, изјави Михајловски, кој најавува и носење на нови луѓе на раководните функции во клубот.
Се очекува во најскоро време „црвено-црните“ да го комплетираат и ростерот за наредната сезона, а приоритет се две позиции.
„Разговараме со неколку ракометари. Јас веќе во неколку ситуации кажав, сметам дека ни требаат еден десен бек и еден среден бек за да го комплетираме тимот“, вели Михајловски.
Со постигнатиот договор меѓу новиот и стариот претседател, Вардар ќе продолжи своите домашни натпревари да ги игра во СЦ „Јане Сандански“, салата каде „црвено-црните“ бележеа низа блескави победи во изминатите години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

